Свежо сезонско
Кога е во прашање храната, свежата, локалната и сезонската е секогаш најдобриот избор. Сезонското овошје и зеленчук Ви ги носи на Вашата трпеза заедно убавата арома и повеќекратните здравствени придобивки.
-
Домати
Дали доматите се овошје или зеленчук? Ботаничките факти ги сметаат доматите за овошје бидејќи семињата остануваат внатре во пулпата. Меѓутоа, во кулинарството, доматите се зеленчук којшто се одгледува во градина заедно со друг зеленчук и се јаде и свеж и готвен.
Доматите потекнуваат од Мексико и Централна Америка и биле култивирани уште од Астеките и Инките. Подоцна, доматите се пренесени во Шпанија, Португалија, Италија и Франција. Додека Французите ги нарекуваат "љубовни" јаболка, Германците ги нарекуваат "рајски" јаболки.
Доматите се нискокалорична храна. Една средно голема свежа домата има само 25 калории и е одличен извор на витамин Ц и добар извор на витамин А.
Доматите содржат ликопен, кој е одговорен за нивната црвена боја. Ликопенот е докажан антиоксиданс кој помага во отстранувањето на слободните радикали од организмот. Слободните радикали се нестабилни молекули на кислород, кои предизвикуваат канцер и други ризични по животот болести. Поради тоа, доматите играат клучна улога во превенцијата од сериозни заболувања.
Доматите се применуваат на бројни начини. Свежи или исечени на парчиња или измешани во салати - тие се секогаш вкусни. Нивниот вкус е единствен во природата и го подобрува вкусот на секоја храна која се готви. Доматите исто така се користат во форма на џус, супа, пире, сос и кечап.
Се на се, доматите се препорачливи во здравиот начин на исхрана.
-
Краставици
Иако краставиците ботанички се класифицирани како овошје, како и доматите и тиквите, поради својот погорчлив и покиселкаст вкус се сметаат, подготвуваат и јадат како зеленчук.
Се смета дека краставиците потекнуваат од Индија. Повеќе од 3000 години се култивирани во Западна Азија, а во Европа ги донеле Римјаните.
Краставиците содржат висок процент вода поради што се многу нискокалорични. Се сметаат за природен диуретик. Содржината на протеини, јаглехидрати и масти е многу ниска.
Краставиците се добар извор на витамините Ц и А, а исто така содржи калциум и калиум.
Нивната зелена боја индицира дека краставиците се одличен извор на хлорофил, којшто е вреден фитонутритиент.
-
Праски
Праските потекнуваат од Кина. Подоцна биле раширени низ цела Европа. Денес, праската се одгледува во најмалку 64 земји во светот.
Праските се добар извор на диетални влакна, витамин А, ниацин и калиум и многу добар извор на витамин Ц. Содржат и бета каротен којшто помага во изградбата на силен имунитет за спречување на штетата од слободните радикали и многу кожни заболувања. Бета каротенот е провитамин којшто во организмот се претвора во витамин А.
Иако праските може да се готват, конзервираат, сушат, вријат, печат и да се прави џем од нив, најдобар вкус и хранлива вредност имаат ако се јадат свежи и цели.
-
Диња
Дињите спаѓаат во истата фамилија како тиквите и краставиците.
Дињата веројатно потекнува од Средниот Исток - некаде околу Персија, а оттаму се раширила во Египет и Индија. Се култивираат и користат како храна повеќе од 4000 години.
Дињите се добар извор на витаминот Ц и на калиум. Тие содржат висок процент вода и многу малку калории. Како и другото овошје, дињите не содржат масти и холестерол.
Дињата се јаде свежа исечена на парчиња и е одлична за освежување во летните месеци. Покрај тоа, се користи за украсување на торти и пудинзи и во овошни салати.
-
Лубеница
Ништо не може да биде поосвежувачко од лубеница во жешките летни денови.
Се верува дека лубеницата потекнува од Африка.
Лубеницата е најосвежувачкото овошје. Содржи 92% вода и 8% шеќер. Изобилува со витамините А и Ц. Исто така, содржи значителни количини од витамините Б6 и Б1, и од минералите калиум и магнезиум.



