Кафе
Кафето нашироко се употребува како стимулирачки пијалок и еден од најпопуларните пијалоци во светот. Потеклото на името најверојатно е поврзано со областа Каффа во Етиопија од каде потекнува кафето.
За кафето
Кафето е пијалок, кој се подготвува од печени зрна од растението кафе.
Кафето потекнува од Етиопија, од областа Kaffa, а од таму било пренесено во Египет и Јемен и до 15-тиот век веќе бил пренесен во Ерменија, Персија, Турција и Северна Африка. Од муслиманскиот свет кафето најпрво се раширило во Италија, а потоа во остатокот од Европа и Америка.
Од големиот број врсти и подврсти кафе се издвојуваат две врсти кои заедно сочинуваат повеќе од 90% од вкупното производство во светот, кафе Арабика и кафе Робуста. Кафето Арабика е традиционалното кафе - сочинува 2/3 од светското производство на кафе. Кафето Робуста има јака арома и содржи повеќе кофеин, и обично се користи за добивање инстант кафе. Дава повеќе род од арабиката и се користи како поефтина замена за арабиката.
Кофеинот, алкалоид кој природно се наоѓа во кафето е лесен стимуланс којшто произведува различни физички ефекти. Бидејќи кафето го стимулира кортексот на мозокот, ја подобрува концентрацијата. На атлетичарите им се препорачува понекогаш пред натпревари зашто дејствува на зголемувањето на отпорноста на мускулите кон исцрпување и ја подобрува координацијата. Меѓутоа, овие придобивки се само во случај на мали дози кофеин. Преголема количина кофеин произведува несакани последици, дејствувајќи како диуретик, стимулирајќи гастритис, надразнување на стомакот, неправилно срцебиење и сл.



